Осоговските Планини се висок и громаден планински масив кој доминира во источниот дел на Република Македонија. Расположен е помеѓу Славишката Котлина на север, Кумановската Котлина на северозапад, Пробиштипско-Злетовскиот басен на запад, Кочанската Котлина на југ, Пијанец на југоисток и Струмскиот басен со Ќустендилската Котлина на исток на територија на Република Бугарија.
Содржина |
Како природна целина која се протега во две држави Осоговскиот планински масив зафаќа вкупна површина од 1.535 км2, од кои на Република Македонија припаѓаат 1.102 км2 или 71.8%, додека на 443 км2 или 28.2% на Република Бугарија. По својата површина е втора планина во Република Македонија по планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Највисок врв e Руен (2.252 м), а покрај него уште 5 врва се повисоки од 2000 м.
Осоговскиот планиски масив тектонски припаѓа на Српско-Македонскиот масив, кој претставува старо копно на Балканскиот Полуостров. Тектонските движења со кои била зафатена оваа планина условиле да биде издигната, раседната и раздробена при што е формирана како хорст. Геолошкиот состав е претставен со прекамбриски метаморфити и палеозојски шкрилци. За време на терциер се одвивала интензивна вулканска активност, што овозможило создавање на големи резерви на олово-цинкова руда.
Релјефот на Осоговскиот планиски масив е претставен со високи, зарамнети и долги планински била, кои меѓу себе се расчленети со длабоки речни долини, вулкански купи и кратери. Најпознати била се Руенското било, претставува вододелница помеѓу сливот на Вардар и Струма; Соколско било; Калинкаменско било; Костадинечко-лисечко било кое е вододелница помеѓу Пчиња и Брегалница; Лопенско било; Д'лгиделско било и др. Покрај билата значаен релјефен елемент се речните долини кои се одликуваат со клисури. Најпознати се долините на Тораничка Река (извориште на Крива Река), Каменичка, Оризарска Река, Злетовска Река и др.
Флората се разликува според вертикалната разместеност:
Потпланинска зона до 1.000 m каде виреат дрва од типот на даб, брест, габер, јасен, леска и слично; Планинска зона од 1.000-1.800 m, каде што претежно преовладува бука; Суб-алпска зона која е прекриена со трева и грмушки од смрека.
Во самото срце на планината постојат многу мотели (меѓу кои и одморалиштето Пониква), планински куќи, викендички, како и базите „Тораница“ и „Тошино боиште“.
Поголеми градови во подножјето на Осоговските Планини се Кочани и Крива Паланка во Македонија, и Ќустендил во Бугарија.
Постојат многу легенди за тоа како Осогово го добило името, но најпозната е онаа според која тоа потекнува од старите саксонски рудари кои во минатото на ова подрачје ископувале злато и сребро. Приказната вели дека името настанало со спојување на зборовите од старо-германскиот јазик „osso” (господ) и „gov” (место), што значи „Божјо место“.
|
дел од населбата Полаки |
Викенд-куќички на Пониква |
||
|
Мотелот „Изгрев“ на Пониква |
stock | retire | vm
Why are we here?
All text is available under the terms of the GNU Free Documentation License
This page is cache of Wikipedia. History