|
|
|||
|
|||
| Локација | |||
|---|---|---|---|
|
Временска зона : CET (GMT +1) |
|||
| Општи податоци | |||
| Име | Велес | ||
| Повикувачки број | (+389) 043 | ||
| Автомобилска ознака | VE | ||
| Официјално мрежно место | veles.gov.mk | ||
| Историја | |||
| Стари имиња | Вила Зора Ќупурли Титов Велес |
||
| Управа | |||
| Држава |
|||
| Општина | Велес | ||
| Градоначалник | Горан Петров | ||
| Географија | |||
| Површина | 1 818 km² | ||
| Надморска височина | 206 m m | ||
| Население | |||
| Население | 43,716 (2002[1]) | ||
| Етнички групи | Македонци - 92,18% | ||
Велес, е град во централниот дел на Република Македонија, кој се наоѓа на двата брега на реката Вардар. Градот е административен центар на Општина Велес.
Содржина |
Велес има централна местопололжба во Република Македонија. Таа претставува значеан сообраќаен јазол каде што се вкрстуваат најважните патни и железнички сообраќајни правци на меѓународниот сообраќаен коридор кој ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Сместен е во долината на реката Вардар над Велешката клисура.
Наоѓалиштата на фосилни остатоци во околината на Велес во селото Мамутчево, како и оние во глиништето во фабриката “Киро Ќучук” во самиот град, само ја потврдуваат теоријата дека овој простор отсекогаш бил населен со жив свет. Еволуинирањето и појавата на homo sapiens се следат низ бројните траги низ времето од старата камена епоха - палеолит, па до денес. Единствените истражувања од времето на палеолит во Македонија се вршени во непосредна близина на Велес, во месноста Пешти, на 110 метри над десниот брег на реката Бабуна, во пештерата Макаровец. Според научниците пештерата е со старост од 70.000 до 10.000 години п.н.е., а пронајдената фосилна фауна укажува на цицачи животни од ова време (пештерска мечка, пештерска хиена, пештерски лав, козорог, волци и лисици). Пронајдените артефакти од камен упатуваат на доцен палеолит. Во бронзеното време, кога се карактеристични почетоците на формирање етнички заедници, реонот на повардарието го населувале Пајонците, Бригите и античките Македонци. За Велес и околината се претпоставува Пејонско население во текот на целиот I милениум п.н.е. кое во IV и III век п.н.е. формирало кралство. Траги од ваква населба се присутни на локалитетот Теќе на 2 км. од Башино Село, во близина на вливот на Отовичка Река во езерото Младост. Локалитетите од железното време придонесуваат за формирање на сликата на животот во првите векови од I милениум п.н.е. Такви се лоцирани во селото Долно Оризари на локалитетот Свилара каде е пронајдена некропола, могилите во с. Иванковци на локалитетот Инчерлак како и остатоците пронајдени во месноста Тумба во с. Караслари. Организираниот живот на Пајонците овозможил подоцна на оваа територија да се развијат по организирани форми на општествено живеење.
Во периодот на раната антика, територијата на Велес влегувала во составот на Пајонската држава, која се претпоставува ја сочинувале голем број градски населби. Хелинистичкиот слој јужно од градот кај локалитетот Кале при влезот во Велешката клисура покрива плато од 3,5 ха површина оградена со бедем, на кое бил лоциран најголемиот Пајонски град Вила Зора (Била Зора). Вила Зора имала положба на самиот влез на Дарданија во Македонија (Пајонија) така што Филип V освојувајќи ја во 217 година пред н.е., ја обезбедил својата држава од упадот на Дарданците. Вила Зора како значаен воен центар се до последните години на Македонското владеење, се спомнува последен пат во 168 година пред н.е. Континуитетот на името Вила Зора и Велес тешко може да се одреди, зошто Велес се спомнува дури во 1018 година. Се претпоставува дека во оваа временска празнина моќта на Вила Зора во римското владеење опаднала или пак нејзината локација треба да се бара на друго место. Во пошироката околина на Велес има повеќе траги кои укажуваат на античкиот град Аргос поврзан со територијата на Macedonia sekunda.
Античкиот град Стоби бил пајонски, македонски и римски град. Првиот литерарен спомен за Стоби потекнува од 197 год. п.н.е., кога на тоа место македонскиот крал Филип V ја поразил дарданската војска. Во изворите каде што римскиот историчар Ливиус го споменува овој податок, Стоби носи епитет на “стар град”. Урбаниот дел на Стоби се наоѓа опкружен со бедеми на вливот на Еригон во Ахиос денес познати под името Црна река и Вардар. Градот зафаќал мошне важна трговска и воена позиција. Променливите борби на македонците со северните соседи се судбоносни за Стоби. Стоби со околината дефинитивно паднал под македонска власт 217 год. п.н.е. за време на Филип V. Кога во 168 год. п.н.е. римјаните го поразиле македонскиот крал Персеј кај Пидна, македонското кралство е сохрането. Македонија била поделена на четири независни административни области под римски протекторат, а Стоби станува центар на трговијата со сол на третата област. Во 148 год. п.н.е. Македонија станува римска провинција. Судејќи според спорадичните наоди, Стоби во пред римско време бил мало градче со површина од 2,5 ха. Дури од времето на преминот од старата во новата ера во градот настануваат значајни промени. Новиот град бил испланиран и зачнат наеднаш, на подготвен терен што бил осум пати поголем од дотогашната населба и населен веројатно со голем број на нови жители. Привлечени од римјаните и нивната стопанска и политичка моќ, во Стоби се населувале истовремено и жители од околината и населеници од хеленистичкиот свет. Интензивното проширување на градот може да се поврзе со подигањето на неговиот статус во ранг на муниципиум што Стоби го имал уште 69 год. н.е. Прераснувањето на Стоби во град со самоуправен статус го посведочуваат епигравските споменици и ковањето на локалните монети со натпис “Муниципиум Стобенсиум” кои го опфаќаат времето од Веспазијан 69 год. до Елагабал 222 год. н.е.
Позицијата на Велес, на главна раскрсница на патиштата на Балканот, Виа Игнација и Виа Милитарис и многуте други локални комуникациски врски, била интересна за словенското население кое во VI век навлегло на Балканскиот полуостров. Походите најпрво биле пајонски, а дури потоа кога грото од староседелците (романизирано население од македонско, пајонско и римско потекло) се повлекло кон приморјето и во планинските предели, а словените почнале да ги населуваат. Границата помеѓу антиката и средниот век на тлото на велешкиот регион може да се определи конкретно во 70-тите и почетокот на 80-тите години на VI век. Тогаш се создадени првите склавинии (словенските територии) на територијата на Македонија. Ги зафатиле низиските плодни области покрај Вардар, Тополка и Бабуна при што ги разурнувале градовите и крепостите. Се изменил и етничкиот состав на населението и топонимијата. Тие станале доминантен етнос и по својот говор ги именувале местата. Главниот градски центар тврдината на вливот на реката Тополка во Вардар, тогашна Вила Зора, го добил името Велес.
Велес припаѓал на склавинијата Верзитија која се протегала помеѓу Велес, Охрид, Битола и Кичево и била населена со Брсјаци. Иако ја признавала Византиската номинална власт, Верзитија се наоѓала надвор од сферата на непосредната управна власт на царството. Она што не и успеало на Византија му успеало на бугарскиот кнез Борис кој во средината на IX век ја освоил Верзитија. При тоа и велешкиот регион морал да ја признае бугарската врховна власт. Со неа се вратил и подемот на христијанството кое иако не сосем уништено, било во стагнација со доаѓањето на словените. Воспоставувањето на бугарска власт придонело до интензиривање на процесот на феудализација. Ваквата состојба довела до заострена социјална борба и до појава на широко, антицрковно, антифеудално ослободително движење чии корени се токму на пошироката велешка територија - Богомилското движење. Неговите приврзаници подоцна биле нарекувани Бабуни (според реката Бабуна), а името го добило по основачот попот Богомил. По својата суштина Богомилството е дуалистичко учење за вечната борба меѓу доброто и злото, светлината и темнината, олицетворени во Господ и Сатаната. Ги отфрлале црковните обреди и култови, крстот како симбол, празниците и иконите. Учењето на Богомилите е израз на незадоволство на населението од световната и духовната власт.
Со освојувањето на Скопје од страна на Византија, во 1004 година, велешката област станала гранична територија на македонската држава и добила улога на заштитник на нејзините цетрални делови. Царот Самоил се обидувал да го запре Византиското навлегување, но во битката на Беласица во 1014 година доживеал катастрофален пораз. Со освојувањето на Прилеп и Штип, Велес останал отсечен од Македонија. Успевал да опстои само до 1018 година кога за прв пат од доаѓањето на Словените бил принуден да потпадне под директна византиска власт т.е. да стане дел на византиското царство. Воено-административно Велес во Византиското владеење припаѓал на темата Бугарија, но начинот на живот, даноците и религиската припадност останалене непроменети. Велес сѐ уште бил дел на Битолската епархија во составот на Охридската патријаршија на која и е одземен рангот.
Веднаш по паѓањето под турска власт во 1395 година, Велес подпаднал под управата на Румелискиот беглербеглак. До 60-тите години на XIV век областа го носела името велешки вилает, а потоа Велешка нахија како најниска управно територијална единица. На чело на вилаетот се наоѓал субашија кој живеел во Велес и заповедал со спахиите кои по правило живееле во селата. Паралелно со ова Велес станал центар на велешката каза или кадилак со што прераснал во многу значајна управно - судска единица.
Турскиот патеписец Евлија Челебија го опишува Велес од тоа време. Главен објект е мостот на Вардар кого го објаснува како нов, дрвен мост со четири отвори, а неговиот современик Хаџи-Калфа го опишува како камен мост. И двајцата се во право. Едниот зборува за мостот кај стариот Велес, а другиот за мост во новата локација на местото каде Вардар се преминувал со сплав. Строго централизираното државно уредување на Турското царство ја спречувало прекумерната експлоатација на рајата, но пишаните закони не можеле да ја спречат злоупотребата на позициите на феудалците и великодостојниците. Најупотребувана форма на експлоатација на населението е наметнувањето бројни даноци. Мал бил бројот на привелигираната раја која имала специјални задолженија како соколари (фаќање и одгледување соколи) оризари, коњари и т.н. Сето ова предизвикувало незадоволство и отпор кај народот и тој, во почетокот на XVII век почнал да се организира во вооружени групи, со што се појавило ајдутството. Во велешката околина имало идеални услови за негов развој поради густите шуми и бројните патишта по кои ги вршеле нападите. Појавата на ајдутските дружини предизвикала додатни репресии врз народот, а тоа пак уште поголема причина за бунтови и востанија.
Во средината на XIX век Велес бил поделен на 12 маала, а Велешката каза ја сочинувале околу 100 села. Тешката феудална анархија и се поголемиот занаетчиски развој од XVIII век сега ги дополниле терзискиот, кираџискиот, бавчаванџискиот, калајџискиот, брашнарскиот, лебарскиот, аџискиот, воденичарскиот, папуџискиот, абаџискиот, бојаџискиот, самарџискиот, дулгерскиот, сарачкиот, ситничарскиот и др.занаети.
Реформите во турскиот државно-правен, политички, економски, верско-просветен и војнички систем од 1839 година популарно наречени “Гилхански хатишериф” или “Акт на справедливост и благодејанија”, поволно се одразиле врз граѓанството на Велес. Според овој акт се воведувала еднаквост меѓу муслиманското и христијанското население, се зголемувале гаранциите и неприкосновеноста на личноста, честа и имотот, еднаквоста пред судот и законот. Тоа овозможувало отворање на училишта на македонски јазик, изградба и реконструкција на цркви и манастири и слободна трговија и производство. Во 1831 и повторно во 1840 година го зафатила заразната болест колера (чума), во 1833 година го зафатиле незапамтени студови, во 1835 година замрзнала реката Вардар, а во 1847 година му се случиле незапамтени поплави. И покрај се првата половина на XIX век е најзначајна за неговиот подем. Во ова време отпочнува обновување и изградба на многу цркви и манастири во Велес и велешко.
Со нападот на балканските сојузници во 1912 година конечно е ставен крај на турското владеење во Македонија, а Велес се нашол под српска власт. Вештачки повлечените граници низ природната целина на Македонија ги нарушиле вековното единство на територијата. Тоа придонело до нагло опаѓање на занаетчиството, стопанството, трговијата и транспортот до солунското пристаниште. Употребата на македонскиот јазик и македонскиот фолклор биле забранети, а наставата во народните училишта парализирана.
Со почетокот на I Светска војна, во 1914 година Велес и околината биле подложени на регрутација, мобилизација и реквизиција. По окупацијата на Бугарија, една година подоцна економската положба на населението уште повеќе се влошува. Со потпишувањето на примирјето во 1918 година вардарскиот дел на Македонија и припаднал на Србија. Војната што се водела на територијата на велешко нанела многу штети на инфраструктурата, верските објекти и уметничките вредности. Населението било во социјален колабс. Најдоследните приврзаници за национално и социјално ослободување и обединување на Македонија ја продолжиле својата борба преку организацијата ВМРО. Велешката околија, согласно Видовденскиот устав од 1921 година му припаѓа на скопскиот округ. Намалувањето на бројот на жители во текот на цели 20 години (до 1941 година) ја отсликува тешката економска состојба на македонскиот првенец. Миграционите движења, војните и епидемиите, мала индустриска развиеност, придонеле за опаѓање на бројот на жителите во градот. И селата не биле поштедени од промени. Ним им престоела аграрна реформа и колонизација. Паралелно со економскиот, Велес меѓу војните го живеел и својот општествен и политички живот. Октомвриската револуција и движењето во Европа за ослободување на малите народи во Велес, кај интелигенцијата и прогресивните сили, створиле можност за создавање Социјалистичка работничка партија. Основачкото собрание е одржано во кафеаната “Солун” на 24 април 1919 година, за претседател е избран учителот Коста Минциќ од Башино Село. Организацијата броела 40-тина комунисти и социјалисти меѓу кои и Панко Брашнаров - народниот учител.
Една година подоцна, Социјалистичката работничка партија во Велес се проширила во селата и зајакнала кадровски. Од нејзините редови ќе произлезат имиња кои трајно ќе ја обележат велешката историја во периодот што следува. Преименувањето во КПЈ (Комунистичка партија на Југославија) е во истата 1920 година. Политичкиот живот го иницира синдикалното организирање во индустриските и државните претпријатија за заштита на правата на работниците. Најмасовен бил железничкиот синдикат кој во април 1919 година го организира Штрајкот на железничарите на кој му се придружило и населението во протестите против власта. По примерот на железничарите, монополските и другите индустриски работници формирале синдилани организации.
Вака организираниот општествено-политички живот овозможил во 1920 година, на општинските избори да победи Комунистичката партија, а Велес станал Црвена комуна. Комунистичката власт успеала да се одржи од август 1920 година до март 1921 година. Обзнаната значела крај на демократското владеење, но не ги поколебала револуционерно-социјалистичките елементи кои во ова време на апсења и прогони ја чинеле суштината на организацијата: реализирање на класните цели на работничката класа, победа на социјалистичкиот општествен поредок и добивања национални права и права на самоорганизирање. Идејата особено била широко прифатена од младите работници и ученици во гимназијата кои членувале во младинската комунистичка организација (СКОЈ). Најпрогресивни претставници на СКОЈ во Велес и негови организатори се: Тодор Шоптрајанов, Лазе Богданов и Ганчо Хаџи Панзов. Резултат на големата пропагандна активност на КП во Велес е издавањето на илегалниот весник “Искра” и печатењето на летоци за празнувањето на Празникот на трудот и учество на сите конгреси на партијата. На конгресот во 1926 година претставник од Велес е Панко Брашнаров. На засилената партиска активност и консолидирањето на партијата ВМРО (Обединета) и зајакнатата национална свест, властите одговориле со бројни политички убиства и апсења. Од година во година во партиските редови се појавувале нови имиња меѓу кои и името на Кочо Рацин, кој е претставник од Македонија на Конгресот на партијата во Дрезден 1928 година. И додека КП јакнела, ВМРО, поради внатрешни разидувања и надворешни влијанија го губела своето значење. Во 1925 година во Виена се одржала основачката конференција на ВМРО (Обединета) во чиј Централен комитет влегле Димитар Влахов, Панко Брашнаров, Ризо Ризов од Велес. Новата платформа ги привлекла лево ориентираните напредни македонски сили. По притисокот на режимот од 1928 година активноста на ВМРО (Обединета) постепено опаѓа, а нејзиното членство преминува во КП.
Шестојануарската диктатура (1929 година) ја разнишала партиската активност во Велес. Честите провали резултирале со бројни апсења и прогони. Дури во 1932 година се оформиле вистински месни комитети со нова генерација приврзаници - Страхил Гигов, Васил Ѓоргов, Јовче Патлиџанков, Бане Андреев - Ронката, Боте Чкорков, Орце Сребров, Тодор Џипунов и др. Велес станува “комунистичка тврдина во Македонија”. Од 1934 до 1937 година следат нови провали, нови апсења. После секоја провала, после секој терор МК на КП јакнел со нови имиња кои уште повеќе ја шират неговата активност. Се јавувале млади жени и девојки кои ја ширеле идејата за национално осознавање и меѓу женската популација. Годините пред II светска војна се период на широка мрежа на партиски активи низ градот и околината. Паралелно со партиската, јакнела и синдикалната организираност која се одвивала преку формирање на културно-уметнички секции, подружници и агитациони групи преку кои се организирале штрајкови и демонстрации, континуирано до 1941 година. Борбата за нацинална слобода и рамноправност била изразена и преку движењето насловено како Македонски народен покрет (МАНАПО) за чие создавање и популаризација придонеле културно-просветните друштва на македонските студенти “Вардар” на Белградскиот и Загребскиот универзитет. Во нив членувале велешаните: Коста Урумов, Борис Рибаров, Борис Шукарев и др. Политичката платформа на МАНАПО се темели на будење на националната свест на македонскиот народ и афирмација на народниот јазик, борба против српската хегемонизација и против фашизмот.
Германските продирања на територијата на Македонија биле проследени со воздушни напади. Уште на 6 април 1941 година, Велес 13 пати бил надлетуван од германски авиони. Страв и паника се населиле во градот од плитар. Којник, Бузаана, Мегдан, Сармаале, Варналиите, железницата, мостот, центарот, ги потресле силни детонации веќе на 7 април утрото. Многу жртви и рушевини. Цели семејства го завршиле својот пат во тоа априлско утро. Другиот ден градот го опседнале окупаторските единици, се блокирал целокупниот економски и културен живот. Изменетите воено-политички услови придонеле воведување на воена управа со строго пропишани правила на живеење и однесување. Ова ја отежнувало политичката активност на КП како единствена политичка сила. Ангажирањата се насочиле кон прибирање оружје и создавање услови за вооружено востание.
Воено-полициските органи во Велес и биле доделени на Бугарската сојузничка држава која целокупната активност ја насочувала кон откривање и оневозможување на делувањето на КП. Покрај редовните мерки на насилство, апсења и прогони, формирала профашистички организации во интелектуалните јадра со тенденција за национална асимилација со фалсификување на македонската национална историја, преименување на историските личности во бугарски и т.н.
Бугарската власт мошне успешно и систематски го спроведувала пљачкањето и теророт врз населението. Реквизицијата и ограбувањето предизвикале недостиг од стоки за широка потрошувачка и воведување на купонски систем. Овие услови го зголемувале незадоволството на народот кој единствен излез и помош барал во делувањето на партијата. Кон членовите на партијата се придружиле членовите на ВМРО. Бане Андреев-Ронката и Панко Брашнаров формирале Местен воен комитет и создавале услови за почеток на вооружена борба. Комитетот го сочинувале покрај нив и Никола Кирков, Борис Гонев, Благојка Демниева, Коло Бабункси, Јовче Чучук, Димко Митрев, Јовче Матев и Страхил Гигов. Набрзо активноста се проширила и во велешката околија, Азот и Клепа преку Трајче Петкановски, Стоилко Ивановски-Планински, Боро Мокров, Димче Мирчев, Трајко Капчев, Орце Лазов и др. Во месните комитети огромна помош и поддршка добивале од народот. Кон крајот на септрември 1941 година се формирале првите партизански чети за до пролетта 1942 година да се исфрли и велешкиот партизански одред “Димитар Влахов”.
Организираниот отпор на територијата на Велес најголеми размери добил во 1942 година, кога е организиран и Штрајкот на учениците од Велешката гимназија во знак на протест и незадоволство на националната бугарска асимилаторска политика на власта. Штрајкот е инициран од Одлуката на директорот на Гимназијата за исклучување на учениците за кои постоел сомнеж дека се членови на СКОЈ. На 14 март 1942 година учениците демостративно ги напуштиле училниците, а ним спонтано им се придружиле и другите ученици. Утредента Штрајкот од гимназискиот двор се префрлил на улиците на Велес. На учениците им се придружиле родителите и граѓани на Велес. Како знак на револт на регрутацијата на велешаните во редовите на Бугарската војска, партиското раководство организирало протест на жените - мајки, сестри, сопруги. Преку 200 жени утрото на 11 мај 1942 година пред Општинската зграда извикувале пароли против Бугарската власт. Најсложената, најконспиративна дејност во илегала е печатење на летоци и билтени. Неколку машини за пишување и преса за умножување се целата печатарска техника со која располагала илегалната печатница сместена во куќата на Нада Бутникошарева и во куќите на Димко Митрев и Јовче Чучук. Во работата на печатницата биле ангажирани членовите на овие семејства. Кочо Рацин пишувал статии за весникот “Народен билтен”, а му помагале Данчо Зографски, Јордан Тодоровски, Љубомир Босилков, Никола Кирков и др. Во 1942 година со изградба на скривница во куќата на Митреви се зголемила дејноста на илегалната печатница. Се умножувале брошури и летоци, се печателе списанијата “Пролетер” и “Искра”. Со печатен материјал се снабдувале партиските организации ширум Македонија. Со упадот во печатницата во декември 1942 година се разоткрила илегалната дејност на КП.
Одредот “Трајче Петкановски” се појавил во многу специфични услови на 23 април 1944 година во месноста Кадиица од борци од велешко и прилепско. Одредот во почетокот го сочинувале 26 борци за до 1 септември 1944 година да достигне бројка од 500 борци. Во своето 5 месечно делување не дал ниту една жртва. Од него и од новопристигнати борци на 2 септември 1944 година во с.Отиштино е формирана Осмата (македонска) велешка бригада. Нејзините дејствија се насочени кон целосно ослободување на Македонија од фашистичкиот агресор. Ноќта меѓу 8 и 9 ноември Бригадата пристигнала на територијата на Велес, во с.Горно Оризари. Во 4 часот наутро на 9 ноември ги запоседнала борбените позиции за напад и ослободување на Велес. Во попладневните часови градот бил ослободен.
Во наредниот период од 1946-1990 година, во Велес, како и со државата на која и припаѓа, раководи комунистичката партија. Монопартизмот во првите 30 години јакне, за потоа да отпочне неговото постепено слабеење. Во 1990 година, се реализирани првите повеќепартиски парламентарни избори.
Од осамостојувањето на Македонија на 8 септември 1991 година Велес (тогашен Титов Велес) се соочи со многу кризи. Стопанството, големите капацитети со стари и непродуктивни технологии не ја издржаа конкуренцијата на пазарот. Социјалните стеги, падот на стандардот, невработеноста се сѐ уште проблем со кој се соочува најградот од XIX век. Официјално името Велес почнува да се користи од 14 септември 1996 година со Законот за територијлната поделба на Република Македонија и одредување на на подрачјата на единиците на локалната самоуправа.
Во средината на XVI век во Велес живееле 214 христијански и 35 муслимански семејства. Социјалната и професионалната структура на населението била обратна од етничката. На горните општествени скалила било турското, а на дното македонската градска сиромаштија. Меѓу нив се наоѓал најбројниот слој на средно-имотни граѓани од двата етноса. Во редината на 19 век, националниот состав на жителите го сочинувале 2/3 христијани (Македонци и Власи) и 1/3 муслимани (турско исламизирано население). Во околината на Велес живеала и помала група Роми.
Од поновата историја констатиран е значаен пораст на миграцијата од село во град до 90-тите години, а во последните десетина години има обратна миграција, особено на постара популација. Констатиран е и значаен пораст на миграција на работоспособно население од општината надвор од границите на Република Македонија.
Според пописот на населението од 1994 градот имал 44.149 жители, а според пописот од 2002 година имал 43.716 жители[2] од следните национални припадности:
Заедно со приградската населба Превалец која статистички се води како одделна од градот Велес, иако урбанистички е дел од градот, Велес има 46.690 жители (од кои 43.197 - 92,52% се Македонци).
Градот Велес има неповолна демографска слика бидејќи бројот на неговото население константно опаѓа. Општина Велес брои 55.108 жители од кои 46.767 (84,86%) се Македонци.
Попис на населението 
Велес е многу значаен идустриско-стопански центар и сообраќајно-железничка крстосница.Од Велес се двојат пругите кон Кочани и Битола,и продолжува меѓународната кон Солун. Уште во минатото Велес бил развиен занаетчиски град со голем број на занаети како грнчари, калајџии, ковачи, јорганџии, дограмаџии, касапи и многу други, а своите производи велешките занаетчии отпрвин ги превезувале преку сплавови (гемии) преку реката Вардар до Солун, а подоцна со изградбата на пругата замрел овој вид на транспорт. Од занаетчиски во индустриски град Велес преминува по втората светска војна. Велес денес е втор град со најголем број индустриски капацитети во Македонија, веднаш зад Скопје. Од индустриските капацитети ќе ги споменеме Топилницата за олово и цинк МХК Злетово (која го направи Велес,најзагаден град во Европа), Фабриката за вештачки ѓубрива, Фабриката за вагони и шински возила „Колска“, фабриката за бојлери и апарати за домаќинство „Динамо - Леов“ која извезува свои производи и на странските пазари (САД, Мексико и др.), Текстилната индустрија Нонча Камишова (денес Нока Текс), Индустријата за порцелан и керамика (денешна „Керамика Нова“ поранешна „Порцеланка“), Индустријата за ќерамиди, Кожарската индустрија „Димко Митрев“, Земјоделскиот комбинат „Лозар“ (денес приватизиран и поделен на неколку фирми), најголемата фабрика за масло во Македонија „Благој Ѓорев“, мелничко - пекарскиот комбинат „Жито Вардар“ и др. Во поново време во развој се трговијата и угостителството (фирмата „Тедико“).
Велес постои како урбана населба од 168 година п.н.е. Но најпрвин старите антички населби односно Вила Зора биле источно (кон Свети Николе) во однос на денешната положба на градот. Со подцнежното населување на Словените градот бил сместен на денешната положба и го добил денешното име Велес. Градот имал средна економска развиеност обично преку трговијата која се обавувала со сплавови по Вардар кон Солун и Скопје. Меѓутоа Велес доживува вистински економски развиток преку изградбата на Вардарската железница (Солун-Скопје) кон крајот на XIX век, а подоцна и со железничката пруга кон Прилеп и Битола во 30-тите години на XX век.
Кон средината на XIX век Велес ќе биде еден од центрите на македонската национална борба. Познати се протерувањата на бугарските и српските пропагандистички учители и протерувањето на најголемиот бугарски пропагандист П.Р.Славејков, а мнозина српски и бугарски пропагандисти во своите записи сведочеле дека во Велес населението започнало себеси да се смета за Македонци и таа „опасност“ почнала да се шири кон Скопје, Прилеп и Битола. Во четириесетите години на XIX век, во Велес Јордан Хаџи-Константинов - Џинот го отворил и првото училиште на народен македонски јазик. Во времето на Македонското национално будење и револуцинерно - ослободителното движење Велес има дадено значајни Македонски борци и просветители. Од Велес и велешко најпознати Македонски национални дејци биле: еден од основачите на ВМРО Петар Поп Арсов (инаку од селото Богомила), непобедливиот велешки војвода Андреја Димов Докурчев, Гемиџиите, Панко Брашнаров итн. Во повоената ослободена Македонија Велес ќе доживее вистински подем особено во индустријализацијата со отварањето на многуте фабрики (за жал денес затворени), а црна дамка на овој период ќе останат Велешките Егзекуции извршени во 1945 година врз неколку видни Велешани под сомнение дека биле соработници на бугарскиот окупатор.
Во текот на историјата градот често го менувал името од Вила Зора, преку Ќупурли до Велес (од 1946 до 1991 година градот го носеше името Титов Велес). Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското В ЛЕС што значи „в шума“ (заради густите шуми што го опкружувале) што е поточна констатација. Но некои слависти сметаат поради голите тревнати ридишта и реката Вардар местото го населувале сточари чиј словенски бог на стадата бил Велес.
Во средниот век Велес е лулка на културата на Балканот. Тука е напишан првиот драмски текст на македонски јазик од преродбеникот и учител Јордан Хаџи Константинов Џинот, во Велес на театарската сцена прв пат настапила жена, првата гимназија на Балканот е во Велес, првата библиотека, првото училиште, првиот музеј, првиот фотограф, и социјалист и.т.н.
Познатиот антички – римски театар кој функционирал во древниот град Стоби пред две илјади години е дел од театарската традиција на овие простори. Традицијата ја продолжува просветителот и преродбеник Јордан Хаџи-Константинов Џинот чии напишани драмски текстови во 1845 година му го обезбедија приматот на основоположник на современиот театарски текст. Во познатиот центар на вековната театарска традиција, во градот Велес, од 1948 година работи професионален театар. Театарот денеска е стожер на културниот живот во Велес, со во просек, шест премиери годишно. Особено внимание кај тетарската публика привлекува постојаната актерска екипа која досега има освоено награди на бројни домашни и меѓународни фестивали. Малубројниот, но компактен ансамбл негува различни театарски жанрови и е носител на активностите за враќање на театарската традиција на сцената во древниот Стоби. Со цел да се зачува долгата театарска традиција и да се обезбедат услови за работа на новите генерации актери, режисери и сценски уметници, изготвен е проект за изградба на комплексен објект- Центар за култура, во кој ќе биде сместен новиот театар.[3]
Некогаш првата библиотека во Македонија, денес матична библиотека „Гоце Делчев“-Велес, веќе од 1978 година е сместена во центарот на градот, во простор поделен на два дела. Во едниот дел се сместен библиотечниот фонд за возрасни и е поставена импровизирана читална, а во вториот дел се наоѓа одделението за деца. Матичната библиотека располага со библиотечен фонд од околу 10.000 книги и публикции. Библиотеката се грижи за набавка, обработка и одржување на библиотечниот фонд, негово користење и издавање. Покрај бисерите на македонската, европската и светската литература, таа располага и со мало роднокрајно одделение во кое се чуваат сите значајни досега објавени дела посветени на Велес низ историјата. За своите читатели, библиотеката нуди и дневни весници и списанија. Во моментов матичната библиотека „Гоце Делчев“ има 3.500 редовни читатели, а нејзините услуги ги користат околу 10.000 граѓани од сите националности и возрасти. Библиотеката располага и со литература на англиски и француски јазик. Со цел матичната библиотека во Велес да се приближи до европските стандарди за библиотечно работење во Европа, тековно се работи на обезбедување на нов простор за вршење на библиотечната дејност, компјутеризација и создавање на база на податоци за библиотечниот фонд. Во тек е и проект за отворање на точка за бесплатен пристап до Интернет за граѓаните на Велес, со што ќе се осовремени информативната дејност на библиотеката. Исто така во плане изградба на нова зграда на библиоѕрлката.[4]
Објектот со специфична градска архитектура што го краси центарот на Велес, е седиште на велешката историја и култура. Овој прв повоен музеј во Македонија е отворен во далечната 1946 година. Сите посетители секој ден од 8-12 и од 16 до 20 часот имаат можност да ги видат вредните експонати изложени во археолошкото, историското, етнолошкото и одделението за историја на уметноста. Музејот располага со околу 3000 експонати од кои во постановките се изложени 1000. Особен интерес привлекува етнолошкото одделение каде се изложени раскошни градски и селски носии како и ентериери уредени според старата велешка архитектура. Интерес привлекуваат и останатите поставки, особено археолошкото одделение кое изобилува со експонати пронајдени на археолошките локалитети во регионот на Велес.[5] Народниот музеј располага и со три спомен куќи, меморијален комплекс во село Горно Врановци и спомен костурница. Во рамките на стратегијата за развој музејот предвидува отворање и на палеонтолошко одделение во кое ќе бидат конзервирани експонати од времето на палеолитот со кои изобилува регионот на Велес.
Љубителите на филмската уметност, во Велес имаат можност да ги проследат најновите филмски хитови, но и евергрините во киното 11 Октомври. Киното располага со сала со капацитет од 550 седишта. Во летните периоди, кино проекциите се одвиваат на летна кино тераса адаптирана за овој период од годината. Филската уметност има долга историја во Велес. Во градот работеле и денес работат неколку режисери аматери кои претежно реализираат документарни и кратки филмови. Во Велес се реализирани и 7 проекта од македонската кинематографија.
Во прилог на развојот на креативноста на децата и младите како и реализацијата на вонучилишни активности, во Велес работи Центарот за детско творештво „Ѓоре Органџиев“. Во центарот функционираат повеќе секции меѓу кои играорната група „Буба Мари“, балетската група „Црни мачиња“, ликовната секција и литературната секција. Овде децата имаат можност да изучуваат повеќе странски јазици и компјутерски вештини. Центарот кој располага со атрактивен простор и сала за јавни настани е организатор на традиционалната манифестација „Детски Рацинови средби“.[6]
Со цел да се афирмира културата на стрипот и уметноста во Република Македонија како и да се организираат авторите на стриповите во нивните креативни активности, во 2003 година, во Велес е отворен Стрип центарот на Македонија. Библиотеката на стрипови која располага со 6000 наслови на македонски, француски, англиски и српско хрватски јазик опфаќа повеќе од сто активни членови. Во центарот се организираат едукативни работилници за почетниците, но и за еминентните цртачи. Често се организираат и изложби на стрипови. Центарот издава списанија за стрипови, а периодично издава и книги на стрипови засновани на народното творештво. Секоја година, во текот на ноември центарот организира меѓународен салон на стрипови.[7]
Куќата на еден од најголемите поети во периодот помеѓу двете светски војни Коста Солев – Рацин во 1962 година е целосно реставрирана. Приземјето е изградено од камен, на катот доминира фасада со бела боја, а покривот е висок и покриен со керамиди. Двокрилна порта од дрво води во тремот решен како мал простор кој ги спојува катот, фурната, чардаците и грнчарската работилница. Работилницата има голема површина, а во нејзинот под има мала скривница. Чардакот на куќата е споен со фурната. На спротивниот крај чардакот со скали води кон повисок чардак. Во спомен куќата на Рацин денеска се наоѓаат негови оригинални ракописи и голем број други спомени за неговиот живот и дело.[8]
Спомен куќата на првиот пропагатор на социјалистичките идеи во Македонија Васил Главинов, денес е музеј посветен на неговиот живот и дело. Куќата се смета за еден од најубавите белези на старатa велешка архитектура.[9] На првиот кат од куќата се наоѓа чардакот кој од левата страна продолжува во гостинска одаја. Од десната страна на чардакот има две други простории. Гостинската одаја има врата со правилна форма. Прозорците се со хоризонтални и вертикални пречки, а завршуваат во баркона форма. На вториот кат се наоѓа чардак со неправилна форма.
Спомен куќата на еден од најзначајните македонски просветители и преродбеници Јордан Хаџи Константинов - Џинот е изградена на левата страна на реката Вардар, во велешкиот сокак. Куќата се одликува со специфична стaроградска архитектура во која доминираат ѕидови од кршен камен, жолта фасада, дрвени столбови и дрвена ограда со тобозани. Чардакот е динамичен, на три нивоа и во квадратна форма се надвиснува над високиот камен. Поради специфичната стaроградска архитектура и историското значење на куќата на еден од најголемите преродбеници, Министерството за култура и Заводот за заштита на спомениците на културата оваа куќа ја прогласија за споменик на културата. Општина Велес тековно работи на реставрација на куќата која ќе биде претворена во спомен музеј посветен на животот и делото на Јордан Хаџи Константинов-Џинот.[10]
Изградена во првата половина на 18 век, кулата во централното градско подрачје на Велес служела како осматрачница за отоманските власти. Кон крајот на 18 век, во пeриодот на преродбата во Велес, кулата била претворена во градски саат. Оттогаш камбанаријата на саатот е постојан потсетник за времето за граѓаните на Велес. Со својата специфична архитектура, оваа градба од камен со раскошен врв денес е неодминлив симбол на Велес, присутен и на грбот и знамето на градот. Кулата овозможува убав поглед на централното градско подрачје.[11] Ентериерот кој е израз на древната игра на дрвото и каменот ја прави оваа туристика атракција уште поинтересна. Градскиот саат кој им одолеал на вековите, веднаш го привлекува вниманието на љубителите на специфичната урбана архитектура.
Импозантниот споменик изграден во 1979 година веднаш над влезот во Велес, од неговата десна страна, е вечен дом на стотина велешки борци кои во втората светска војна загинале за остварување на вековниот сон за слобода на македонскиот народ. Споменикот, изграден во форма на aфионов цвет е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектoт Саво Суботин од Србија. Во централниот дел на внатрешноста е поставен симболот на слободата во форма на расцветано дрво, додека по сите страни од ѕидовите е распослан најголемиот мозаичен комплекс во Македонија, дело на академскиот сликар Петар Мазев. На вкупна површина од 220 м², преку една композиција составена од пет слики, авторот ја насликал историјата на македонскиот народ од Илинденската епопеја преку социјалните превривања меѓу двете светски војни,периодот на народно ослободителната војна и сенародното востание, се до победата над фашистичкиот окупатор, повоената изградба на Македонија и слободата како врвна придобивка. Мозаикот е направен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои, преку кои едни од други се одвојуваат симболите и формите.
На левиот брег на реката Вардар, на уредено плато на кејот се издига споменикот посветен на Гемиџиите. Споменикот е поставен во чест на големиот јубилеј „100 години Илинденско востание - 100 години македонска државност“. Импозантниот споменик висок 6,5 метри, претставува сплет од 12 зраци што ги симболизираат дванаесетмината Гемиџии, кои во предвечерјето на Илинденското востание ги извршија познатите Солунски атентати, во обид да го свртат вниманието на Европа кон македонското прашање. Споменикот е дело на академскиот скулптор Станко Павлевски. Крај споменикот е поставена плоча со имињата на гемиџиите на која е испишана нивната историска порака „Се арчиме за Македонија“.
Во чест на патронот на велешката Гимназија, во 1968 година на Кочо Солев Рацин во неговиот роден град за прв пат му е поставен споменик. Споменикот е дело на академскиот вајар Димко Тодоровски кој преку преку надприродната големина на фигурата на Рацин направил обид за претставување на големината на македонскиот народ. Изработен е од глина и излиен во бронза. Традиционално пред него секоја година во Велес започнува меѓународната средбата на поетите посветена на делото на ненадминливиот поет и револуционер.
И во центарот на Велес, наспроти градскиот саат се издига споменик на основоположникот на современата македонска поезија Кочо Солев Рацин. Споменикот поставен во 2002 година е дело на акдемик Томе Серафимовски. Висок е 2,80 метри и тежок 500 килограми. Фигурата на Рацин е излеана во бронза. Споменикот е донација на македонскиот бизнисмен Трифун Костовски.
Од 1964 година, Велес е домаќин на поетите од Балканот кои, во родниот град на основоположникот на современата македонска поезија и литература Кочо Рацин, го слават битот на поетскиот збор.[12] Покрај презентацијата на поетското творештво во рамките на манифестацијата „Рацинови Средби“ се одржуваат и научни собири посветени на животот и творештвото на Рацин. На манифестацијата традицинално се доделува Рациново призние за најуспешно литературно остварување помеѓу две манифестации како и почесното Рациново признание кое се доделува за научни трудови, преводи и други дела посветени на творештвото на Кочо Рацин. Секоја година манифестацијата се збогатува со разни содржини како настапи на истакнти музички уметници, изложби, саеми на книги. На нив учествуваат музичари и групи од Македонија и од соседството.
Со цел да се зачува традицијата на античкиот театар, со изведба на антички театарски текстови на древната сцена во Стоби, од 1992 година, на иницијатива на актерите при велешкиот театар, во летните периоди се одржуваат претстави во античкиот амфитеатар.[13] Од 2001 година оваа традиција прерасна во Меѓународен фестивал на античка драма, која секоја година привлекува се поголем број на театарски уметници од светот. Фестивалот е атракција не само за велешани, туку и за љубителите на театарот од целата држава за што сведочи огромниот број на посетители кој се движи од 2500 до 3000 по претстава. На фестивалот традиционално се доделува наградата за најдобра претстава, наградата за режија како и наградите најдобри актери.[14] Древната сцена во Стоби е особено привлечна за театарските уметници поради можноста за креација на вистински спектакли во древниот амбиент на античкиот амфитеатар и оживување на текстовите на Софокле, Аристофан, Еврипид и други антички автори. Веб место на фестивалот
Долгата традиција на негување на македонскиот фолклор во Велес ги поттикна културните работници да го основаат Меѓународен фолклорен фестивал „Велес“. Првото издание на фестивалот се одржа во 2004 година со учество на фолклорни ансамбли од Македонија, Република Бугарија, Словенија, Србија и Црна Гора. Фестивлот го привлече интересот на јавноста со богатиот фолклорен колорит на народите и убавината на народното музичко творештво што фолклорните ансмбли ги презентираат на повеќе локации во градот. Особено внимание кај посетителите привлекува дефилето на учесниците на фестивалот низ велешките улици.[15]
Од 1998 година, на иницијатива на домот на културата во Велес, во живописните предели на село Горно Врановци, традиционално се одржува меѓународната сликарска колонија „Еко арт“. Оваа меѓународна ликовна мнифестација е поттикната од желбата на уметниците да помогнат во решавањето на еколошките проблеми на велешани. Учесниците на колонијата имаат можност во услови на крактеристични природни амбиенти да создаваат дела со длабока еколошка порака, вградувајќи во нив елементи од непосредниот урбан и природен амбиент на градот и околината. Колонијата го привлекува интересот на голем број уметници од Балканот и пошироко чии дела се изложуваат на постановка посветена на делата создадени на оваа сликарска колонија.
Ансамблот „Распеани Велешани“ е основан во 1971 година. Пеачката група на ансамблот денеска брои 30 активни членови, а музичката група-чалгијата, шестмина. Ансамблот ја негува староградската песна од Велес и велешко, како и од повеќе региони на Република Македонија. Музичката група на ансамблот свири на оригинални инструменти меѓу кои преовладуваат кларинет, виолина, дајре, џумбуш и ут. Ансамблот „Распеани Велешани“ учествувал на повеќе реномирани фестивали во земјава и на просторите на поранешна Југославија. Тој има освоено повеќе престижни награди меѓу кои и прва награда grand prix на фестивалот „Илинденски денови“ одржан во Битола, во 2002 година. „Распеани Велешани“ имаат издадено две лонг плеј плочи и едно цд со изведба на староградски песни.[16]
Ансамблот Керамичар е основан во 1954 година. Денес тој брои 250 членови, повеќето ученици и студенти. Ансамблот Керамичар досега одржал повеќе од 3.500 концерти. Има учествувано на голем број фестивали, културни манифестации, прослави и ревии на музика. Благодарение на квалитетот на неговата програма, тој е добитник на многу награди, признанија и плакети. За својот настап на манифестацијата ММФ, во Дижон, Франција, ансамблот ја доби наградата сребрен гердан. Керамичар има објавено неколку плочи на народни песни и ора. Во рамките на своите настапи, ансамблот ги презентира нарродните носии кои се одликуваат со богат колорит. На носиите, доминираат црвената и црната боја кои се исткаени на бела основа. Македонскиот народ ги зачувал овие носии низ својата историја. Со голем ентузијазам, младите луѓе учествуваат во активностите на ансамблот и се грижат за ритмот и народните песни и ора на македонскиот народ.[17]
Културно уметничкото друштво „Коле Неделковски“ кое го носи името на еден од најеминентните велешки поети и револуционери, постои и работи повеќе од 18 години. Денес ова друштво опфаќа повеќе од 250 активни членови кои работат во неколку секции. Во рамките на друштвото работи и балетската група „Анабела“ која негува модерен балет. КУД „Коле Неделковски“ има учествувано на голем број фестивали во повеќе земји меѓу кои Шпанија, Германија, Турција, Романија, Словачка, Бугарија како и во Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и др. Репертоарот на друштвото ги опфаќа ората Комитско, Калајџиско, ората од источниот регион на Повардарието, егејски ора, Водарки, Бувчанско оро и голем број други ора и песни.[18]
Од крајот на 18 до почетокот на 20 век, како резултат на развојот на трговијата и миграцијта на неимарските тајфи, во Велес се развива специфична градска архитектура. Типични примери се:
Изградена е во 1868 година, во месноста Варналиите. Основата на куќата е правилна и се развива во три нивоа. Куќата е пространа, составена од приземје и два ката. На неа доминира чардакот и прозорците. Особено е впечатлив е ентериерот во кој доминираат детали од традиционалното градителство. Со цел да се долови впечатокот на традиционалната градска архитектура општина Велес ја реставрираше фасадата на куќата на Паунови.
Изградена е истовремено со куќата на Паунови. Поради специфичниот терен, куќата е отворена кон улицата со тесна фасада и покрај приземјето има уште два ката. Приземјето и првиот кат се направени од камен. На вториот кат доминираат прозорците, архитектонската графика и опшивниот венец. Архитектонското решение на вториот кат е особено впечатливо и во него доминира одаја со седум прозорци свртени кон улицата. Фасадата на куќата чиј ентериер е исполнет со традициолно изработена покуќнина е реставрирана.
Изградена е во 1868 година на три нивоа со специфична неправилна форма во основата. Поплочениот двор на приземјето е отворен простор поврзан со улицата. Централно место во архитектонското решение зазема чардакот кој ги спојува сите одаи . На вториот кат доминираат големи прозорци и исфрлена стреа со декоративни елементи на флора и фауна која завршува во покривот. Обновената фасада на куќата на Прнарови се одликува со еркерно исфрлени катови.
Лоцирана во центарот на Велес, куќата на семејството Ѓоргови е изградена во 1930 година по примерот на европскиот модел на градска куќа од тој период. Куќата има јавно приземје, два приватни стамбени катови и мансарда. Веднаш до неа се наоѓа втората куќа на семејството Ѓоргови, изградена во 1928 година, исто така, по европски модел на градска куќа со приземје и два ката. Основата на куЌата е асиметрична , а фасадата симетрична и убаво обликувана, со венец околу прозорците.
Изградена е во 1927 година во центарот на Велес и се смета за еден од најубавите објекти во Велес. Оваа куќа се одликува со симетрична фасада, со специфични декоративни елементи. Во централниот дел доминираат завршните елементи со декоративна пластика, полна ѕидана ограда и ковано железо. Денеска фасадта на куќата е обновена. Куќата има јавно приземје во кое се сместени продавници и приватни стамбени катови со завршеток од таван или мансарда. Малтерисаната фасада во окер жолти тонови е обновена.
Повеќе од две илјади години имало живот на велешкото Кале, од рано христијанскиот период па се до средината на 19 век, покажуваат археолошките истражувања на овој простор. Тој не е така познат како другите слични простори во земјава, но наспроти нив тука имало богат живот кој е малку истражуван. Локалитетот се наоѓа над манастирот Св.Димитрија а под него се реките Вардар и Тополка и според археолозите, најстарите велешани потекнуваат од овде. Првата населба или стариот град Велес датира од раноримскиот период. Подоцнежните истражувања говорат дека на овој простор имало жители до 19 век, кога според пишаните податоци се иселува последниот човек. Се смета дека ова место во почетокот се нарекувало Волос, по словенскиот бог на шумите, кои ги имало во изобилие во неговата околина, така и спротивниот рид го добил името поврзано со дрвјата и огнот Св.Илија - громовник. Каде има и шума, има и стока, па како остаток на тоа време, половина град и денес го одбележува христијанскиот празник Св.Никола кој во словенската митологија бил заштитник на стоката. Во калето се одвивал богат живот, разбирливо бидејќи бил на крстосница и на важно стратешка локација. Тој може да биде многу посетено туристичко место. Има проект и елаборат, но досега не се обезбедени средства за негова реализација. Ова се смета како контра тврдење дека градот Вила Зора се наоѓал во Овчеполието, а не тука.
Во Велес има 6 основни училишта, 4 средни училишта во кои годишно се образуваат околу 3.176 ученици, и едно училиште за образование на деца со лесни пречки во развојот. Потреба од проширување на образовните капацитети постои во насока на високото образование.
Во градот делува и работнички универзитет за дообразование, учење на занаети, странски јазици и нижо музичко училиште, а постои и интернат за сместување на ученици од средното образование.
За предучилишно образование постојат и работат 6 организациони единици на предучилишната установа „Димче Мирчев“. Во градинките се опфатени околу 650 деца, а просториите во кои престојуваат се естетски уредени, адекватни и и одговараат на педагошките барања и норми.
Од досегашните познати историски податоци се дознава дека Велес имал свој епископ за време на Охридскиот архиепископ Хоматијан (1215 - 1234). Сепак до 1661 г. нема сигурни податоци за другите велешки епископи. Постојат повеќе причини зошто е тоа така: на прво место е влијанието на политичките околности, а потоа, се разбира и црковните состојби во Охридската архиепископија. Епископите често биле присилно сменувани, од кои некои биле само по една година. Но од втората половина на XVII век веќе се познати приличен број имиња на велешки епископи. Најстар историски извор за антитурското раздвижување во Велес постои од крајот на XVI век. Бунтот бил предводен од страна на тогашниот Охридски архиепископ Варлаам, кој на Архиепископскиот трон дошол по смртта на Атанасиј I, познатиот организатор за кревање на општобалканско востание за чија реализација барал помош од европските држави. Архиепископот Варлаам по сé изгледа активно продолжил по стапките на својот претходник, но сето тоа било со краток век. Во 1598 година, бил фатен и погубен од јаничарите во Велес. Денес велес е седиште на повардарската епархија.
Градската соборна црква Св.Пантелејмон се наоѓа југозападно од градот, на неколку стотини метри оддалечена од последните куќи во една длабнатина. Теренот, на кој е поставена, прилично е стрмен, особено од западната страна, каде што над црквата високо се издига ридот Вршник, а од источната стрмо се спушта во Велешката клисура, дури до брегот на Вардар и главниот пат кон југ. Заради тоа соѕидана е подлога за црквата, а како бедем од источната страна изграден е потпорен ѕид од деклан камен, како кај одбранбените тврдини. Во дворот на црквата, при самиот влез, поставена е камбанаријата, а десно од неа во правец на црквата се изградени неколку зградички, кои служат за разни потреби. Камбанаријата е подигната во 1904-1905 година, за која цел дотогаш служеле црковните клепала. Црквата има два влеза: еден од север, а другиот од југ. Што се однесува до постанокот на црквата Св.Пантелејмон има повеќе верзии. Тие се базираат, главно, на народното кажување и на извесни предметни сведоштва. На прво место, како непобитен факт, е тоа дека денешната црква е од поново време, а старата, која постоела како мала црквичка, можно е во старо време да служела како манастир на Стар Велес. Во секој случај, нејзиниот денешен изглед датира од 1837-1940 година. Идејата за обновување на црквата се родила од самата потреба. За време околу 4 години (1837-1840) црквата била оспособена за богослужба. Во таа година црквата била осветена од велешкиот владика Игнатиј. При осветувањето на црквата, извршено на 9 август 1840 година, на владиката му помагал месниот свештеник поп Грујо, кој во исто време заедно со Хаџи Ѓорѓи Дрндар бил најзаслужниот човек за изградбата на црквата. Дефинитивното довршување на црквата траело се до 1847 година, а во 1849 година е поставено клепалото.
Црквата Св.Богородица се наоѓа на источната страна од градот во месноста Дервен, каде што порано живееле извесен број влашки семејства, така што и нивната улица почнале да ја викаат “Влашко маало”. Надворешниот изглед на црквата не е впечатлива архитектура, повеќе личи на поголема зграда, отколку на црква, па според тоа и не припаѓа на некој посебен црковен стил. Најболно прашање за Власите било тоа што тие немале своја црква. Бидејќи во 1874 година не успеале на присилен начин да ја присвојат црквата Св.Спас, во 1882 година започнале со градењето на своја црква- Св.Богородица. Оваа година е втисната и на сребрениот крст за рачна употреба, а кој подолго време се наоѓа на светиот престол во олтарот на црквата, како дар од некој член на влашкото семејство Дочеви, кои имале аптека во Велес. На завршните работи во 1905 година и овде работела тајфата на прочуениот мајстор Дамјан, синот на Андреја, мајстор градител од семејството Рензовци-Зографовци во Велес. Најпосле Власите се здобиваат со своја црква, Св.Богородица, која населението ја нарекло “Влашка црква”. Уште од самиот почеток богослужението во неа се вршело на грчки јазик со одобрение и благослов од владиката во Велес. За прв парохијски свештеник бил поставен Димитриј Бога, член на семејството Бога, од кое потекнува и добротворот Чекрдак. На тоа место како протојереј, Димитриј останал сè до 1915 година. Инаку, грчката служба во црквата престанала уште во 1912 година по одењето на Турците од Македонија, бидејќи новопоставените свештеници не знаеле грчки. За успехот на црквата и нејзиниот углед најголема заслуга има нејзиниот голем добротвор Михајло Чекрдак. Потоа треба да се спомнат имињата на питропите, кои секогаш совесно ја вршеле својата работа и секогаш биле активни соработници на црковните лица.
Во подножјето на ридот Рамина е изградена црквата Св.Спас. Таа е во непосредна близина на градот, југоисточно, само на стотина метри оддалечена од последните градски куќи. Како таква, таа има отоврен видокруг кон долината на Вардар од задната страна и претставува спротивност на црквата Св.Пантелејмон, која се наоѓа на западната страна преку Вардар. Васил К’нчов вели дека на местото на Св.Спас некогаш постоела мала црквичка, односно да служела и како манастир. И во Енциклопедијата на лексикографскиот завод се спомнува дека таа потекнува уште од XIV век, а била обновена во XIX век. Христо Чочков подолго време се занимавал со историјата на овој град, и според него црквата Св.Спас потекнува од XVII век како претходница на спротивната црква Св.Пантелејмон.
Малата црквичка Св. Никола е доградена на околу стотина метри јужно од манастирот Св. Димитрија, над висната над самиот пат, кој кривулесто се провлекува кон Градско. Како и другите мали храмови, така и овој, посматран од надворешната страна ни малку не прилега на црква, туку како на некоја одбрамбена тврдина, чија големина изнесува околу 20 м². Според мислењето на постарите Велешани, слични црквички по облик и димензија, постоеле и по други места на Велешко како и во Стариот Град. Инаку ни за овој храм како и за спомнатите не постојат историски податоци.Се смета дека и оваа црква му припаѓала на некој манастир, а веројатно на манастирот Св. Димитрија, во чија близина и се наоѓа. Инаку, што се однесува до нејзиното потекло, ако овој храм се спореди со другите од оваа област и нивните фрески по ѕидовите, може да се констатира оти храмот потекнува веројатно уште од X век, или нешто подоцна. До таков заклучок доаѓаат уметниците и археолозите, кои црквичката ја идентификуваат со Маркова Меана.
Манастирот Св.„Димитрија“ се наоѓа на околу два километра јужно од градот, на десната страна од реката Вардар, под реката Тополка, која се влива во Вардар. Во секој случај постанокот на манастирот датира од постаро време, за кое што ни сведочат извесни историски податоци, запишани од повеќе патеписци, историчари, археолозии раскажување на постари луѓе. Но, како и да е, предност за постанокот на манастирот му се дава на средновековието.Не може да се негира и претпоставката оти овој храм потекнува од многу постаро време, кога уште постоел стариот град Вилазора. Само, се разбира, тогашното постоење на манастиорот, не можело да ги има денешните димензии, од XIV век, кога го обновил властелинот на цар Душан, Раденко со својата мајка. До таков заклучок се доаѓа преку арехеолошките и други наоди во V и VI век, кога во близината на Вилазора постоеле и други храмови, како што е епископската базилика во Стоби, потоа и базиликата Св. Јован Крстител која потекнува, можеби и од поранешното време. Интересна појава кај овој манастир претставува и самата камбанарија, која е поврзана со манастирската црква и изгледа како да е нејзин составен дел од западната страгана.До средината на овој век, нешто по завршувањето на Втората Светска Војна, споредните манастирски згради во дворот, служеле како конаци и магацински простории. Од источната страна по сета должина на манастирскиот двор север-југ постоеле две згради составени од приземје и кат. Во приземјето се засолнувала стоката на селските гости, кои доаѓале на манастирската слава Св. Димитрие, првиот петок по Велигден, и во други поголеми празнични денови.
Се наоѓа на југ од градот, од десната страна на патот за Градско. Ова здание првин, беше Параклис, за некаде во деведесетите години од минатиот век да се преуреди и догради во помала црква. Постоењето на Параклисот не е точно утврден, но се претпоставува дека е од понов период.
Оваа црква добро е запазена, така да голем дел од градското население ја посетува, главно на Цветници, Велики Петок и секоја не дела во времето од Велигден до Спасовден. Црквата се наоѓа на десната страна од реката Тополка, при нејзиното устие во Вардар, а на околу 300 метри северо-западно од манастирот Св. Димитрија. Поставена е на една нерамна карпеста височина, прилично стрма над брегот од реката. Во однос на „Калето" од Стариот Град, таа се наоѓа на неговиот северен крај, на кој, изгледа, во свое време му служела како храм, за кој биле изградени и многу други верски објекти, од кои денес нема ни трага, а само спомени кај народот дека тие постоеле. И овој из гледа како нов поради зачуваноста и надворешииот облик, така што по се личи оти, како и двата спомнати, потекнува од време на византискиот период. И тој, е граден на ист начин и од таков материјал како и другите такви цркви.
Се наоѓа на северно-источната страна од градот, во месноста Прцорек. Таа по надворешниот изглед не се разликува од куќите околу неа додека внатрешноста целосно личи на црковен објект, бидејќи има олтар, иконостас и повеќе икони. За времето кога е направена нема точни податоци. Според едни извори таа е направена во 1740 година, а според други 1766. Вториот податок е земен од годината на една икона во црквата Св. Богородица за која се смета дека е најстара икона во Велес. Оваа црква служела и како училиште во кое се изучувал македонскиот јазик и писмо кои во тоа верме биле забранувани и напаѓани од грчката, турската, бугарската интелегенција која пак имала цел да го претопат македонското население. Се наоѓа на околу 2 километри јужно од градот , на десната страна од реката Вардар, под реката Тополка која се влива во Вардар.
Согласно Законот за локална самоуправа досегашните месни заедници се организираат како урбани заедници. За да може да се организираат за решавање на заедничките потреби на граѓаните, мора точно да се утврди опфатот на урбаните заедници, па дури потоа да пристапи кон формирање на Совети на урбани заедници и Совети на месните заедници. Во Велес постојат вкупно 14 урбани заедници. Додека населби во градот се: Којник, Бузаана, Солено Чешмиче, Долни Дуќани, Црна Џамија, Прцорек, Поток, Тунел, Влашка Чешма, Ќерамидна, Превалец, Рамина.
Најголема туристичка атракција во блиската околина на Велес е античкиот град Стоби. Покрај тоа, значајни се локалитетот Бреза и локалитетот Пешти, кој изобилува со пештери (со археолошки остатоци од неолитот, ранохристијански пештери). Вон градот ја наоѓаме и тврдината Велешко кале. Во Општина Велес има осум основни и четири средни училишта, спортско игралиште, спортска сала, базен, театар, музеј, библиотека, кино-сала, десет цркви и манастири и џамија.
Најпознато место каде жителите на Велес се рекреираат е познатото Велешко Езеро (Младост).
Берово • Битола • Богданци • Валандово • Велес • Виница • Гевгелија • Гостивар • Дебар • Делчево • Демир Капија • Демир Хисар • Стар Дојран • Кавадарци • Кичево • Кочани • Кратово • Крива Паланка • Крушево • Куманово • Македонски Брод • Македонска Каменица • Неготино • Охрид • Пехчево • Прилеп • Пробиштип • Радовиш • Ресен • Скопје • Струга • Струмица • Свети Николе • Тетово • Штип
| Дестинации од ВЕЛЕС | |||||||||||
| Катланово | Лозово | ||||||||||
| Горно Оризари |
|
Штип | |||||||||
| Извор | Сирково |
Градско | |||||||||
stock | retire | vm
Why are we here?
All text is available under the terms of the GNU Free Documentation License
This page is cache of Wikipedia. History